Tuesday, May 17, 2011

Античка Македонија

Археолошките наоди покажуваат дека на просторот на Македонија постоела цивилизација уште од периодот меѓу 9000 п.н.е. и 3500 п.н.е. Првпат Македонското Кралство се појавува во периодот на IX век п.н.е., а постои дилема за тоа кој бил првиот македонски крал - Каран (кој се смета за митски предок на Аргеадите) или Пердика I (прв историски крал на Кралството Македонија).
Приближно од V век п.н.е. Кралството Македонија станува значаен политичко-економски чинител во поширокиот регион, а негова главна надворешно-политичка дејност била сосредоточена кон односите со Грчките градови-држави, при што често било сојузник со други држави (како на пр. Персија) против Грците, или пак заземало страна во некои од меѓусебните спорови на градовите, настојувајќи на тој начин да го уништи нивното единство и да ги ослаби. Филип II Македонски (359 п.н.е. - 336 п.н.е.), по покорувањето на Илирите и Тракијците, успеал да ја освои цела Грција. Неговиот син, Александар III Македонски (356 п.н.е. - 323 п.н.е.) е една од најзначајните личности во светската историја. Тој најпрвин го скршил внатрешниот отпор во проширеното Македонско Кралство, а подоцна во походот против Персија, ја уништил огромната Персиска Империја и ја проширил македонската држава на три континенти - Европа, Азија и Африка, протегајќи се на Балканскиот Полуостров и Мала Азија, Блискиот Исток, Египет и Индија, и со тоа била создадена Македонската Империја. По неговата смрт, оваа огромна империја, како резултат на несогласувањата на неговите генерали (дијадоси) околу тоа кој ќе биде негов наследник се распаднала на 3 дела и тоа: Кралство на Селевкидите, Кралство на Птолемаидите и Кралство на Антигонидите.Освојувањата на Александар III Македонски имаат суштествено значење за започнувањето на Хеленистичкиот период во светската историја.
Продорот на Римска Република на исток доведува до таканаречените Македонско-римски војни (215 п.н.е. - 168 п.н.е.) во кои Македонското Кралство управувано од Династијата на Антигонидите целосно потпаѓа под римска власт, а последниот македонски крал Персеј e одведен како роб во Рим. Таа станува римска провинција како дел од Римското Империја и е поделена на 2 дела - Македонија Прима и Македонија Салутарис. Територијата на денешна Република Македонија била поделена меѓу провинциите Македонија Салутарис и Моезија прима. По поделбата на Римската Империја во 395 г. од н.е. на Источно и Западно Римско царство, Македонија станува дел од Источното Римско царство или Византија.

No comments:

Post a Comment